Алекс Фергусон излезе од кома и покажува ветувачки рани знаци на опоравување по итната хируршка интервенција на мозокот.
Најуспешниот менаџер во британскиот фудбал останува во интензивна нега, но од синоќа седи и веќе разговарал со семејството и пријателите во Кралската болница во Салфорд, каде што беше примен во саботата, пишува „Дејли Меил”.
Хируршката интервенција помина многу добро, а реакцијата на 76-годишниот поранешен менаџер на Манчестер Јунајтед даде надеж и оптимизам на неговите блиски. Сепак, тие признаваат дека постои долг и бавен пат до целосно закрепнување на Сер Алекс Фергусон.
Веста за состојбата на Фергусон го потресе фудбалскиот свет кој се обедини во поддршката на легендарниот тренер кој освои неверојатни 38 трофеи во текот на 28 годишниот предстој на „Олд Трафорд”, пред да се пензионира во 2013 година.