Во пресрет на утрешното финале од Купот на Македонија меѓу Пелистер и Шкендија попладнево на стадионот „Младост“ во Струмица прес – конференција одржаа тренерите на двата тима, Неџат Хусеин и Ќатип Османи како и капитенот на тетовци Ферхан Хасани и фудбалерот на Пелистер, Благојче Марковски.
„Шкендија влегува како голем фаворит. На убедлив начин го освои првенството и покажа дека ја има најдобрата екипа во Македонија во последните неколку години. Ние сме во финале и ќе се обидеме да се спротивставиме најдобро што можеме„ изјави тренерот на Пелисер, Неџат Хусеин.
„Не очекува финале, не треба да не залажуваат победите во првенството. Наша цел е титула и во Купот на Македонија и ќе се обидеме да ја освоиме. Го почитуваме Пелистер но, имаме голема шанса да оствариме победата за најголем успех во историјата на клубот и ќе дадеме се од себе тоа и да го направиме, рече тренерот на ФК Шкендија, Ќатип Османи.
Благојче Марковски (ФК Пелистер) изјави дека неговиот клуб нема да излезе со „бело знаме“ на утрешното финале, се надева на голема борба и добар натпревар. Ферхан Хасани (ФК Шкендија) рече дека Шкендија сезонава има цел да ја освои двојната круна, но тоа треба да го потврдат на утрешното финале од 20:00 часот на стадионот „Младост“ во Струмица.