Велшкиот фудбалски репрезентативец во редовите на Реал Мадрид, Герет Бејл, блесна во полн сјај на вчерашното финале во Лигата на шампионите против Ливерпул. Тој иако влезе од клупата на 30-на минути пред крајот, успеа со два прекрасни погодока да му ја донесе третата титула во серија на „кралскиот клуб“.
„Бев разочаран што започнувам како резерва, но, тоа беше одлука на тренерот. Кога ќе влезам како замена, се обидувам да оставам впечаток и мило ми е што го сторив тоа“ – изјави брзоногиот фудбалер и наметна дилема дали ќе остане во тимот иако имаше шпекулации дека ќе биде ставен на трансфер пазарот.
„ Ќе треба да размислам добро во наредниот период. Јас сакам да играм во континуитет. Ќе разговарам со мојот агент и ќе донесам одлука за мојата иднина“, додаде Бејл со напомена дека вчерашниот гол со „ножички“ е најубавиот што го постигнал во неговата кариера.