Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, изрази оптимизам дека сепак ќе може да игра на претстојното светско првенство во Русија. Египќанецот го напушти финалето во Лигата на Шампионите поради изместување на рамото по жестокиот дуел со Серхио Рамос и првичните прогнози не изгледаа воопшто добри.
Сепак, 24 часа подоцна, репрезентативецот на Египет објави многу попозитивна порака на Тwitter.
„Вечерта беше навистина многу тешка, но јас сум борец. И покрај сето, убеден сум дека ќе бидам во Русија и ќе ве натерам да се гордеете. Вашата љубов и поддршка ќе ми ја дадат силата која ми треба“, напиша Салах.
Веднаш по поразот од Реал менаџерот на „црвените“ Јирген Клоп изјави дека состојбата на фудбалерот не е воопшто добра, но сега навивачите на Египет сигурно имаат надеж дека тој ќе може да игра на Мундијалот.