Една од легендите на Реал (Мадрид) Фернандо Јеро е новото изненадувачко име во шпанските медиуми како опција за тренерската позиција во Реал Мадрид, место кое беше испразнето неочекувано од Французинот Зинедин Зидан кој поднесе оставка само неколку дена по освојувањето на Лигата на Шампионите трета година по ред.
Јеро е на листата на „кралскиот” клуб, откако некои од опциите веќе отпаднаа или барем изјавија дека немаат намера да ги прекинуваат сегашните обврски. Тоа се Јирген Клоп (Ливерпул), Масимилиано Алегри (Јувентус), Маурисио Почетино (Тотенхем), Јоаким Лев (селектор на Германија) и Јулијан Нагелсман (Хофенхајм).
Јеро беше асистент на Карло Анчелоти во Реал во сезоната 2014/15, а потоа го водеше нисколигашот Овиедо. Во моментов, тој е спортски директор на Шпанската фудбалска федерација. Во својата кариера фудбалерот играше 14 години за Реал Мадрид, освојувајќи со тимот пет титули во Примера, еднаш го освои Купот на Кралот и три пати Лигата на Шампионите.