Фудбалерите на Вардар денес и официјално ги започнаа подготовките за новата сезона, најнапред за настапи во квалификациите за пласман во Лига Европа, а потоа и за ПМФЛ.
Шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“ Бобан Бабунски, денеска ја одржа првата прозивката на екипата, а потоа и првиот тренинг на тренинг кампот во Хиподром. Бабунски најпрво се заблагодари за укажаната доверба да го води тимот, се заблагодари на досегашниот придонес на играчите кои до сега беа дел од Вардар, и очекува враќање на шампионскиот пехар повторно во витрините на Вардар.
„Би сакал најпрво да се заблагодарам на дадената доберба да ја водам екипата, се надевам дека со целокупниот стручен штаб ќе ја оправдаме. Ова е почеток на нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, би сакал да им честитам на сите, иако неколку не продолжија со овој тим. Дојде и тој момент да се почне еден нов проект, и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија, се надевам ќе успееме во тоа. Вардар во изминатите години освојуваше титули, се претстави добро и на европско ниво, тоа е нашиот план и понатаму“, изјави Бабунски.
Вардар има сосема поинаков лик од минатите сезони. Сега една нова млада генерација на играчи ќе го носи тимот кон нови успеси. Бабунски смета дека и со подмладен состав, „црвено-црните“ ќе бидат конкурентни.
„Играчите кои останаа се млади, но со една година поголемо искуство. Во наредниот нов проект се надевам ќе го покажат тоа и дека ќе бидеме конкурентни во однос на другите екипи“, изјави шефот на стручниот штаб на Вардар.