Селекторот на Португалија Фернандо Сантош не го криеше задоволството од победата со 1:0 над Мароко, која ја искачи Португалија барем привремено на првото место на табелата во групата „Б“ на Светското првенство.
Победничкиот гол беше постигнат во четвртата минута од натпреварот и негов стрелец беше Кристијано Роналдо.
„Кристијано е како португалското вино и со годините станува се подобар. Тој знае како да ја задржи својата форма – постојано се развива и помага на останатите играчи. Тој знае какви можности има и што може да прави. Она што го прави сега, е тоа што го правеше пред 3 или 4 години, и она што ќе го прави во следните неколку години. Но и тој има одличен тренер во репрезентацијата”, се пошегува Сантош.
„На светското првенство нема слаби екипи и Мароко го покажа токму тоа. Но, ние треба да учиме од натпревари како овој. Денес бевме добри во одбраната, но ни треба повеќе од тоа. Треба да направиме промени и да играме со повеќе посед на топката” додаде Сантош.