Англија конечно успеа да го разбие малерот и за првпат во историјата на мундијалите победи по изведувањето на пеналите. Синоќа, Англија ја совлада Колумбија и обезбеди четвртфинале на Светското првенство во Русија, а повторно еден од најзаслужните беше најдобриот стрелец на репрезентацијата на ова СП – Хари Кејн.
Капитенот го постигна единствениот гол за Англија во регуларниот дел, а потоа беше присебен и во изведувањето на пеналот. По натпреварот Кејн истакна дека време беше оваа селекција да покаже колку вреди.
„Можевме да победиме и во региларниот дел односно по 90 минути игра, но немавме среќа. По примениот гол паднавме, но брзо се издигнавме и заслужено славиме четвртфинале. Ова беше неверојатна вечер за Англија. На пеналите моравме да докажеме кои сме и среќен сум што успеавме во тоа. Најважно од сè е што сега сме меѓу осумте најдобри на светот“, изјави фудбалерот на Тотенхем и капитен на репрезентацијата на Англија.
Хари Кејн во моментов има постигнато шест гола е на чело на листата на стрелци на ова СП и засега е главен фаворит за освојување на „златната копачка“, зад него е Ромелу Лукаку од Белгија. Англија во четвртфиналето ќе игра против Шведска, која вчера славеше против Швајцарија со 1:0.