Мега договорот помеѓу Јувентус и Милан во врска со трансферот на тројца фудбалери – Леонардо Бонучи, Гонзало Игуаин и Матија Калдара, веќе е факт.
7-кратниот носител на Лигата на шампиони ги привлече во своите редови аргентинскиот голгетер и еден од најталентираните италијански дефанзивци, додека Леонардо Бонучи се враќа во Јувентус.
Покрај тешкотиите во преговорите меѓу Игуаин и раководството на „росонерите”, трансферот е факт и двајцата со Матија Калдара ќе го облечат „црвено-црниот” дрес, а Леонардо Бонучи ќе се врати во италијанскиот шампион. Игуаин ќе добие 7,5 милиони евра по сезона, а не посакуваните 9 милиони евра. Разликата што ќе дојде во годишната плата на Аргентинецот ќе ја плати италијанскиот шампион Јувентус. „Бјанконерите“ ќе му платат на Игуаин помеѓу 4 и 6 милиони евра.
Тројцата фудбалери отпатувале за Милано и Торино, каде ќе ги потпишат своите договори, по што договорот ќе биде соопштен официјално. Игуаин ќе игра како позајмен на „Сан Сиро“, а „росонерите” ќе треба да платат 18 милиони евра за играчот. Во договорот на голгетерот е вметната и откупна клаузула од 36 милиони евра. Калдара и Бонучи пак се проценуваат на 40 милиони евра и трансферите ќе им бидат постојани. Иако се зборуваше дека во договорот на Калдара ќе биде поставена опција за откупување, такво нешто нема да постои и младиот италијански дефанзивец ќе биде целосно во сопственост на Милан.