Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Гибралтар ги почнува настапите во новото УЕФА натпреварување – Лигата на Нации. На премиерата, гостуваме против селекција која за првпат во историјата ќе одигра еден официјален УЕФА меч на свој стадион. Улогата на фаворит ја има Македонија и според квалитетот на играчите и според ФИФА ранкингот.
За нас премиерата е особено важна, затоа што ќе се обидеме да го освоиме првото место во групата и да обезбедиме пласман во плеј-офот во Лига „Д“, затоа што само најдобриот од оваа лига обезбедува место на европското првенство.
Според најавите, селекторот Ангеловски ќе тргне со најдобриот тим. Нема проблеми со повреди или откажувања, па останува да нападнеме со сите сили за прва победа.