Македонската фудбалска репрезентација веќе ги започна подготовките за двата натперевари од Лигата на нации кои ја очекуваат во наредните денови.
Денес веќе беше одработен тренингот на кој селекторот Ангеловски можеше да смета на скоро сите фудбалери кои беа планирани за средбите со Лихтенштајн и Ерменија.
Нашиот репрезентативец Стефан Спировски е задоволен од досегашните резултати и се надева на продолжување на победничката серија:
„Нашите очекувања и секако на целата македонска јавност се да дојдеме до победа. Имаме доволно време да се подготвиме и се надевам дека ќе бидеме спремни за дуелот со Лихтенштајн. Наше е прво да размислуваме на Лихтенштајн, а потоа на Ерменија. Целта е освојување на првото место, за самиот старт мислам дека шест бода досега од два меча е повеќе од доволно”, изјави нашиот репрезентативец, Стефан Спировски.
Репрезентацијата на Македонија утре и задутре ќе тренира во терминот од 11 часот на ТЦ „Петар Милошевски“, а во петок официјалниот тренинг на Националната арена „Филип Втори“.