Милан успеа да слави во драматичен финиш против Џенова со 2:1 и се искачи на 4-то место на табелата во Серија „А”, но повторно не успеа да го зачува својот гол. „Росонерите” примија гол во секој од првите 10 натпревари во шампионатот – нешто што не им се случило од сезона 1932/33.
За последен пат миланскиот тим имал „сува“ мрежа во Серија „А” при нерешените 0:0 против Наполи на 15 април, по што почна серијата од 16 натпревари со барем по еден примен гол на „црвено-црните”. За последен пат, тимот имаше слична негативна серија во сезоната 1946/47.
„Не мислам дека игравме добро на 1:0 во наша корист. Направивме многу грешки, но најважно е што победивме. Ова е чекор напред и ние треба да продолжиме да играме добро и понатаму. Сè уште не сме постигнале ништо. Понекогаш не играме како тим, а тоа е најважно”, изјави по успехот тренерот на Милан Џенаро Гатузо.