Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, го подготвува својот тим за сериозен предизвик против Интер во Лигата на шампионите. Натпреварот на „Џузепе Меаца“ е на програмата во вторник од 21:00 часот и доаѓа две недели по успехот на каталонците со 2:0 на „Камп Ноу”.
Пред овој натпревар Шпанците се лидери со 9 поени, а „нероазурите” ги следат со 6 додека ПСВ и Тотенхем имаат освоено по 1 бод.
Големо прашање е дали Лионел Меси ќе може да учествува на овој натпревар. Сепак, тренерот нема одговор на ова прашање. „Сакаме да видиме како тој ќе се чувствува за време на тренингот. Под никакви околности нема да ризикуваме ако нешто не е во ред. Мора да бидеме апсолутно сигурни”, рече Валверде.
Ернесто Валверде очекува тежок натпревар
„Овој натпревар ќе биде сличен на оние кои Интер ги игра во првенството на Италија – многу интензивни и со голема борбеността од страна на тимот. Ќе бидеме под притисок, но ќе се обидеме да победиме. Дури и очекувам домаќините да бидат поагресивни во нападот, бидејќи тоа го прават кога играат на свој терен. Интер ќе се стреми да доминира и да нè притиска што е можно повеќе на нашата половина. Ова е нешто што им носи успех оваа сезона. Италијанците се во добра форма и ќе биде тешко”, заврши на прес-конференцијата тренерот на Барселона.