Македонската фудбалска репрезентација по вчерашната победа кај Лихтенштајн со 2 спрема 0, сега ќе се насочи кон понеделничкиот натпревар на домашен терен со Гибралтар во рамките на последното коло во групниот дел во Лигата на нации. Нашите играчи, Ферхан Хасани и Иван Тричковски, потенцираа дека победата е сосема заслужена иако противникот пружи силен отпор.
„Дојдовме до планираната победа и сега се насочуваме кон натпреварот против Гибралтар во Скопје кој мора да го добиеме. Ќе биде потешко без капитенот Горан Пандев кој знаеме што значи за нашата игра, но, верувам дека сите заедно ќе успееме да победиме“ – вели Хасани.
„Македонскиот фудбал никогаш не бил во ваква историска ситуација. Навистина сме блиску до пласман во плеј-офот од Лигата на нациите и на само два чекора од пласман на Европско првенство. Сега треба да го победиме Гибралтар“ вели напаѓачот Тричковски.

