Еден од најпознатите фудбалери од блиското минато на Атлетик (Билбао) Гаиска Гаритано беше назначен денес за тренер на тимот на местото на отпуштениот Едуардо Берисо. Синоќа, Атлетик Билбао загуби на гостувањето кај Леванте и паднаа на 18 место на табелата во „Ла Лига“.
Атлетик (Билбао) има само една победа оваа сезона и дури 8 нерешени средби, а последниот пораз беше причина за неговиот отказ. Во историјата на „Ла Лига“, Атлетик Билбао е единствениот клуб заедно со Реал (Мадрид) и Барселона кои не испаднале од лигата, но сега имаат 11 поени од 14 натпревари и се на -3 од Виљареал кој е над линијата за испаѓање.
„Aтлетик Билбао одлучи да го раскине договорот на Едуардо Берисо. Исто така од денес, Гаиска Гаритано има обврска да подготви првиот тим. Досега тој го водеше вториот тим на нашиот клуб кој игра во трета лига“ , се вели на „Твитер“ профилот на клубот. Гаритано беше на чело на Еибар во 2014-та година и ги пласираше во Примера дивизион, но поднесе оставка по испаѓањето во 2015-та. Но Еибар беа вратени во елитата по исфрлањето на Елче, што сепак не ја смени одлуката на раководството за да го врати и тренерот. Гаритано беше отпуштен во 2015 година од Ваљадолид и од Депортиво (Ла Коруња) во 2017-та, по што се зафати да работи со вториот тим на Атлетик (Билбао).

