Виљареал го врати на својата клупа тренерот Хавиер Каљеха и тоа за помалку од два месеци по неговото отпуштање, заменувајќи го Луис Гарсија Пласа.
Луис Гарсија беше отстранет од функцијата вчера, откако неговиот тим успеа да оствари само една победа од девет натпревари од почетокот на декември.
Хавиер Каљеха беше отпуштен од Виљареал на 10 декемви 2018 година, а сега на 29 јануари 2019 година е повторно назначен за тренер на екипата.
Виљареал во моментов е на претпоследно 19 место во „Ла Лига“, пет поени од зоната за опстанок. Последниот натпревар го загубија со 0:3 од Валенсија, што значеше серија од осум последователни натпревари без победа во сите натпреварувања. Нивната единствена победа под водство на Луис Гарсија беше постигната во првиот натпревар против Спартак (Москва) во Лига Европа
„Немаме време да чекаме повеќе. Ние треба да направиме промената сега и да бараме непосреден ефект. Каљеха го познава доволно добро тимот, клубот како целина и ситуацијата во која се наоѓаме“, изјави претседателот на клубот Фернандо Роиг.
„Ја почитувам нивната одлука, но не ја прифаќам. Сметам дека можев да излезам од ситуацијата и дното на табелата, но ми требаше време“, изјави веќе отпуштениот тренер Луис Гарсија Пласа. Следниот натпревар на Виљареал е дома против Еспањол во недела.