Она што беше најавувано полека се реализира, а официјалната веб страница на Реал Мадрид потсети за успесите кои ги има Зинедин Зидан како тренер на Реал Мадрид и потсетува дека токму тој го држи рекордот за клупски тренер според резултатите во првите 70 натпревари – 51 победа, 14 нерешени и само 5 порази. Под негово раководство Реал Мадрид постави рекорд исто така за најмногу последователни натпревари со постигнат гол во Шпанија – 73, како и најмногу последователни средби без пораз (40).
Во Италија веднаш потенцираа дека со ова се стави крај на шпекулациите дека Зидан ќе го замени Масимилиано Алегри по крајот на сезоната во Јувентус, а во Англија се зборуваше и дека тој е меѓу потенцијалните наследници на Маурицио Сари во Челзи.
За три сезони на „Сантијаго Бернабеу” Зидан освои 9 трофеи, а го водеше тимот во вкупно 149 натпревари (105 победи, 28 нерешени и 16 порази) и триумфираше во „Ла Лига“ во 2017-та и три пати по ред во Лигата на шампиони.
Според пишувањето на шпанските медиуми од страна на раководствот на клубот на Зидан му биле ветени 300 милиони евра за купување на нови играчи во летниот преодрн рок, а прва цел ќе биде Еден Азар од Челзи.
Трофеите на Зинедин Зидан во Реал Мадрид како тренер:
Лига на шампиони – 3
Светско клубско првенство – 2
Суперкупот на Европа – 2
Ла Лига – 1
Шпански Суперкуп – 1
Трофеите на Зидан во Реал Мадрид како играч:
Лига на шампиони – 1
Интерконтинентален куп – 1
Супер-куп на Европа – 1
Ла Лига – 1
Суперкуп на Шпанија – 2