Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, на вчерашната прес-конференција како најава на денешниот натпревар против Словенија кој ќе се игра во Љубљана, на стадионот „Стожице“ истакна дека нема да се брани против Словенија, но исто така кажа дека ги знае добрите и лошите страни но противникот.
„Ние секогаш сакаме да играме напаѓачки фудбал, не се сложувам дека Македонија играше две различни полувремиња со Летонија. Првиот дел ни беше извонреден, но и во второто ја контролиравме играта и резултатот. Сега не чека нов натпревар со нов противник. Имавме доволно време да се спремиме и потполно подготвени да влеземе во натпреварот. Секој противник си има свои добри и лоши страни. Што се однесува до Словенија, нивниот среден ред и нападот е подобриот дел од тимот. Имаат добра контра. Имаат фудбалери кои може да бидат опасни во маневр. Така што мора да бидеме внимателни. Јас повеќе сум концентриран на мојот тим и за тоа како ние ќе одиграме отколку како ќе игра противникот“, изјави Игор Ангеловски.
Натпреварот меѓу Словенија и Македонија се игра вечерва од 20:45 часот.

