Голгетерот на Манчестер Сити Серхио Агуеро, кој ги пропушти последните два натпревари на својот тим, денес тренирал целосно и ќе биде во составот на својата екипа за утрешното гостување кај Тотенхем во првиот 1/4-финален дуел од Лигата на Шампионите.
„Агуеро се чувствува добро. Тој тренираше со тимот за прв пат и се чувствува добро. Попладнево тренираше повторно. Кајл Вокер, исто така се чувствува подобро, а Бенџамин Менди се опорави, па сите тројцата ќе бидат на располагање за утре” рече Гвардиола.
„Во полуфиналето на ФА Купот можеше да одиграме и подобро, но има и такви натпревари. Лигата на Шампионите е друго натпреварување. Знаеме колку е тешко. Сите осум тима, кои останаа во трката, се претенденти за трофејот. Тотенхем е тежок ривал кој го познаваме добро”, додаде менаџерот на граѓаните.
