Тренерот на Јувентус Масимилиано Алегри бара неговите фудбалери да бидат концентрирани во текот на целиот вечерашен натпревар од 1/4-финалето од Лигата на Шампионите против Ајакс во Торино.
Првата средба во Амстердам заврши 1:1 и Јувентус изгледа фаворит, но Холанѓаните покажаа дека умеат да играат добро и гостински терен.
„Најважно е да се фокусираме и да го почитуваме ривалот. Џорџо Киелини учествуваше на вчерашниот тренинг, но сеуште не е донесена одлука дали ќе игра. Марио Манџукиќ има воспаление на коленото и го пропушта овој натпревар. Тој се обиде да тренира, но силните болки го спречија”, рече Алегри.
Играчот од средниот ред на Јувентус Емре Чан, исто така зборуваше пред натпреварот.
„Не очекува тежок натпревар. Ние многу го почитуваме Ајакс, но не грижете се. Знаете дека Јувентус навистина сака да ја освои Лигата на шампионите. Во последниве години сме близу, но не успеавме. Ќе играме со истиот напад како против Атлетико. Сакаме да победиме. Ги знаеме нашите можности, Масимилиано Алегри е фантастичен тренер. За него секој натпревар е важен, го подготвува прецизно секој детал и токму тоа го прави светска класа”, коментираше Чан.