Само пет дена по срцевиот удар и операцијата, легендарниот голман Икер Касиљас ја напушти болницата во Порто и заедно со сопругата Сара Карбонаро се појави пред медиумите.
37-годишниот чувар на мрежата на Порто не зборуваше премногу, но неколку пати им се заблагодари на сите кои му испратиле поддршка деновиве.
„Имав многу среќа, денес сум многу возбуден и се чувствувам многу сакано од сите. Голема благодарност до сите, до болницата, до доктор Нелсон, до семејството Порто, фудбалерите, до сите. Се чувствувам добро, ми требаат неколку недели одмор, можеби еден месец. Тука се моето семејство и нивната поддршка е бесценета. Не знам што ќе правам во иднина, сега мислам само на рекуперацијата“, изјави Икер Касиљас пред болницата во Порто.
Икер и неговата сопруга ќе останат во својата куќа крај Атлантикот и првите две недели голманот задолжително ќе одмора и ќе има прошетки по плажата.
Кон крајот на месецот се предвидува враќање во Шпанија и продолжување на рекуперацијата. Во првите три месеци забранети му се секакви спортски активности, а целосното заздравување се предвидува дури по десет месеци.

