Менаџерот на Тотенхем Маурисио Почетино не сакаше да коментира на темата за својата иднина во клубот по поразот од Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите.
Аргентинецот на неколку пати во последно време сам ги подгреваше шпекулациите дека може да си замине по крајот на сезоната. Според медиумите на Островот тоа ќе зависи од неговиот разговор со претседателот на клубот Даниел Леви, во кој Почетино ќе сака потврда дека ќе добие доволно средства за да се направи селекција со која ќе има можност да го развие тимот и да конкурира повторно за висок пласман.
„Сега е премногу рано да се зборува за тоа. Премногу е рано. Имаме потреба да го анализираме поразот. Сигурно ќе има време да разговараме за иднината. Сега не е време да зборуваме многу. Може да правите различни интерпретации. Луѓето сакаат да ме споредуваат со различни менаџери, но не знаат дека сме поинаков проект, дека сме во различна позиција. За пет години во Тотенхем, проектот беше кристално јасен. Нашата амбиција беше неверојатна, посветеност на играчите исто така беше неверојатна. Клубот дојде до својот прв финален натпревар во ЛШ и треба да останеме смирени “, изјави Почетино.