Бразил е првиот финалист на Копа Америка, откако во дуелот со вечниот ривал Аргентина, победи со 2:0 на меч кој синоќа се одигра во Бело Хоризонте.
Бразил успеа да ја совлада Аргентина со два гола постигнати по еден во првото и второто полувреме. Со головите на Габриел Жезус и Роберто Фирмино, Бразил успеа да ја совлада Аргентина со 2:0 и со тоа да си обезбеди уште едно големо финале, а од друга страна да го сруши сонот на Аргентина дека може да дојде до трофеј во ова натпреварување. Габриел Жезус го донесе Бразил во водство во 19 минута, а Роберто Фирмино зголеми на 2:0 во 71 минута со што го постави и конечниот резултат на овој натпревар.
Со оваа победа и пласманот во финалето, Бразил ја продолжува традицијата. Досега четири пати кариоките биле домаќини на Копа Америка и секогаш биле шампиони. Сега си обезбедија место во финалето каде ќе го очекуваат подобриот од дуелот Чиле – Перу.
Аргентина и Лионел Меси остануваат без можноста да се радуваат на трофеј, нешто што го немаат веќе 26 години во овој турнир. Последен пат Аргентина беше освојувач на Копа Америка во далечната 1993 година.

