Ватфорд официјално го привлече поранешниот напаѓач на Арсенал, Дани Велбек. 28-годишниот фудбалер доаѓа како слободен агент откако ова лето беше ослободен од „топџиите“ бидејќи не му беше понуден нов договор. Договорот на Велбек со Ватфорд е за период од три сезони.

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед пропушти најголем дел од минатата сезона поради сериозната повреда на зглобот што ја доби за време на натпреварот со Спортинг Лисабон во Лигата на Европа во ноември.
Целиот престој на Велбек во Арсенал беше одбележан со серија на повреди. За пет години на „Емирати“, тој одигра вкупно 126 натпревари, постигнувајќи 32 гола.

