Младата ѕвезда на Рома, Николо Ѕаниоло го продолжи договорот со клубот. Веста не е изненадувачка, бидејќи двете страни преговараа веќе подолго време. Сега италијанскиот репрезентативец е врзан за „волчицата“ до летото 2024 година.
„Пред една година, ми беше лесно да се одлучам да се преселам во Рома, а сега уште полесно ја донесов одлуката повторно да потпишам нов договор. Минатата сезона се заљубив во тимот и градот. Сакам да му се заблагодарам на клубот што ми даде можност да станам уште по посветен на тимските бои. Тоа е она што го сакав“, рече Ѕаниоло.
20-годишниот талент пристигна во Рома, како дел од договорот што го однесе Раџа Наинголан во Интер. Во дебитантската сезона во екипата на Рома, Ѕаниоло одигра 36 натпревари во кои постигна 6 гола.
„Новиот договор на Николо е потврда дека ние како клуб и ние самите сме едногласни во нашето мислење дека тој тука може да го покаже својот целосен потенцијал. Уверени сме дека Ѕанило ќе игра клучна улога во иднината на тимот “, коментираше извршниот директор на Рома, Гуидо Фиенга.
Според медиумите, платата на младиот фудбалер била покачена од 700.000 евра на 2,5 милиони евра по сезона. Посебно се додадени и различни бонуси.
Импресивните настапи на Ѕаниоло го предизвикаа интересот на многу клубови. Во медиумите се пишуваше дека тој ќе биде продаден во Јувентус, но од тоа нема да има ништо.