Женската фудбалска репрезентација на Македонија оствари убедлива победа во рамките на квалификациската група „Г“ за пласман на Европско првенство. На тренинг центарот „Петар Милошевски“, нашите фудбалерки беа подобри од селекција на Казахстан со 4:1 (3:0).
Избраничките на Кирил Изов во текот на сите 90. минути од средбата имаа целосна контрола на играта и резултатот. Предоста од три гола на полувреме јасно потврди дека нашите девојки максимално сериозни го сфатија натпреварот и го покажаа својот квалитет. Капитенката Наташа Андонова и Гентијана Рочи беа стрелци на головите за македонската репрезентација.
Македонската репрезентација наредниот меч од евроквалификациите го игра на 5. октомври, повторно на домашен терен против селекцијата на Србија.