Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп им честиташе на своите фудбалери за покажаниот карактер во победата од 1:0 над бразилскиот Фламенго во финалето на Светското клубско првенство. Лидерот на англиското првенство ја освои титулата за прв пат по голот на Роберто Фирмино во 99-та минута.
„Ние сме исцрпени затоа што натпреварот беше многу интензивен. Во вакви периоди, тешко ми е да ги пронајдам вистинските зборови за да ја изразам мојата почит кон момчињата. Беше неверојатно. Ние направивме толку многу убави работи на теренот, сите дадоа максимум“, коментираше Клоп, кој стана првиот германски тренер што водел тим до овој трофеј.
„Момчињата поминаа низ многу тежок период во последните месеци, а кога ќе ја имате самодовербата, верувате во сите 90 минути или 120 во овој случај“, додаде Клоп.
Бразилецот Фирмино стана херој за Ливерпул откако ги постигна решавачките голови во полуфиналето и финалето на завршниот турнир во Катар.
„Јас сум многу среќен за Фирмино. Ни беа потребни неговите голови. Пред натпреварот разговаравме многу за тоа колку им значи овој трофеј на Бразилците, колку тоа му значи нему. Среќен сум за него”, заврши Клоп.
Тренерот на Фламенго, Жорже Жесус изјави дека е горд на настапот на неговиот тим. „Не смееме да заборавиме дека Ливерпул е најсилниот тим во Европа. Бевме рамноправни и немавме значајни проблеми во првите 95 минути. Дури го контролиравме натпреварот во одредени периоди. Две големи екипи се сретнаа на овој натпревар и после него сум горд на моите играчи и нивниот настап“, рече Жесус.

