Голгетерот на германскиот фудбалски шампион Баерн Минхен, Роберт Левандовски имал успешна операција на левата препона, соопшти клубот.
Операцијата е извршена синоќа во Минхен, веднаш по последниот натпревар од есенскиот дел во Бундеслигата против Волфсбург, кој го добија со 2:0 на „Алијанц арена“. Операцијата беше одложена за паузата во првенството, а Левандовски во последните неколку недели играше под инјекција.
Заздравувањето на полскиот напаѓач ќе трае помеѓу 10 и 14 дена, што значи дека ќе му биде на располагање на тренерот Ханзи Флик за првиот натпревар на Баерн во вториот дел од првенството против Херта на 19 јануари.
Левандовски има 30 гола за тимот од почетокот на сезоната, од кои 19 во Бундеслигата, со кои е лидер кај голгетерите.

