Раководството на Интер се согласи да го купи дефанзивецот на Манчестер Јунајтед Ешли Јанг. Италијанскиот клуб ќе им плати на „црвените ѓаволи“ за 34-годишниот Англичанец 1,5 милиони евра.
Во наредните денови фудбалерот ќе треба да ги помине лекарските прегледи, објави новинарот Фабрицио Романо на својата страница на Твитер. Се очекува договорот што Јанг ќе го потпише со Интер да биде со траење до 30 јуни 2021 година. Ешли Јанг играше во Манчестер Јунајтед уште од летото 2011 година. Претходно, дефанзивецот играше во Астон Вила и Ватфорд. Во тековната сезона, Јанг постигна 1 гол и даде 1 асистенција на 18 натпревари во сите натпреварувања на клупско ниво.
Да потсетиме дека минатото лето Интер го купи напаѓачот Ромелу Лукаку од Манчестер Јунајтед, а исто така позајми уште еден напаѓач на „црвените ѓаволи“ – Алексис Санчез.