Крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Кингсли Коман, се врати во составот на својата екипа за прв пат по седум недели, период кој му беше потребен да се опорави од повредата на коленото. 23-годишниот Французин денес се приклучи на тренингот на својата екипа, објави клубот.
Играчот од средниот ред Хавиер Мартинез, кој не игра поради мускулна повреда на предниот дел на бутот, сега се подготвува со опуштен режим. Надвор од комбинација на привремениот тренер Флик останува централниот дефанзивец Никлас Зуле кој ја продолжува својата програма за рехабилитација поради повреда на коленото и неговото враќање на теренот сè уште не е прецизирано.
Баерн Минхен моментно е на 2-то место во Бундеслигата на бодот зад лидерот РБ Лајпциг, а утре игра против Мајнц.