Мавровски меморијал е спортска манифестација која се одржува во спомен на 38-те градители на електро системот Мавровка и 14 храбри граничари, кои го загубија животот во снежната лавина 1956 година. Оваа година настанот ќе се одржи од 24 до 26 февруари на патеката Мирна долина, На прес-конференцијата организирана во Агенцијата за млади и спорт зборуваше директорот на АМС Дарко Каевски.
„Овој настан е во редот на настани кои се на светската мапа за нордиско трчање. и затоа и оваа година ќе се потрудиме да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, и да го направиме овој ФИС натпревар еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот“, истакна Каевски.
На прес конференцијата зборуваше претседателот на Мавровскиот меморијал, Кочо Кирацов, како и селекторот на македонската репрезентација во нордиско трчање Ѓоко Диневски. Освен македонските претставници, свој настап ќе имаат натпреварувачи од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Грција, Турција, Бугарија, а за прв пат имаме натпреварувачи од Швајцарија и Русија.