Белгија е првата земја во Европа која донесе одлука за прекин на фудбалскиот шампионат во целост и да му ја додели титулата на актуелниот лидер на табелата, Клуб Бриж, објавија денес медиумите во оваа земја.
Бордот на лигата закажа состанок за следната недела на кој треба да биде потврдено дека е ставен крај на шампионатот. Првенството е прекинато на едно коло пред крајот на регуларниот дел, а за шампион ќе биде прогласен актуелниот лидер Клуб Бриж, додека второпласираниот Гент ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите. Екипите на Шарлерој, Антверпен и Стандард Лиеж се очекува да бидат патниците во Европа Лигата.
Исто така најверојатно ќе биде потврдено дека нема да има испаѓање од лигата оваа сезона, а лигата ќе се прошири за два клуба и наместо 16, наредната година ќе има 18 екипи кои ќе играат во првата лига на Белгија.

