Екипите во Серија А можат да започнат со тренинзи на 4 мај, пренесе „Газета дело Спорт“. Тие ќе го следат примерот на тимовите од Бундеслигата, прво правејќи активности во мала група и постепено ќе се враќаат на нормален тренинг.
Според информацијата, постојат три опции како датуми за продолжување на првенството – 24 мај, 31 мај и 7 јуни. Предвидено е шест и пол недели да се заврши првенството, од кои остануваат 13 кола. Ова значи дека Серија А може да заврши на почетокот или средината на јули.
ФИФА вчера објави дека истекот на договорите за играчи може да биде продолжен до завршување на првенство во одредена земја. Сепак, ќе има проблем со некои од играчите кои се вратиле во матичните земји. Тие ќе бидат ставени во карантин од 14 дена по нивното враќање во Италија.