Мауро Икарди по крајот на сезоната сака да замине само во Јувентус, пренесува „Спорт Медиасет“. Аргентинецот, кој моментално игра со позајмица во ПСЖ, веќе изјави дека сака да се врати во Италија по крајот на сезоната.
За него е заинтересиран и Наполи, но желбата на напаѓачот е да го облече дресот на тимот од Торино. „Бјанконерите“ не ја кријат желбата да го донесат Икарди во своите редови. Тие се обидоа да го купат минатото лето, но не успеаја да се договорат со Интер. Екипата на Интер не сакаше да го засили својот директен ривал со таков квалитетен фудбалер, но најновите информации се дека од Интер има желба да ја променат нивната одлука.
Причината е што Антонио Конте сака да го донесе Хуан Квадрадо од Јувентус во Интер. Тренерот е исклучително свесен за квалитетите на Колумбиецот, кој имаше многу добри натпревари оваа сезона во улога на десен бек. Јувентус е согласен да го вклучи 32-годишниот играч во договорот со Икарди и со тоа да ги убеди луѓето од Интер да го прифатат нивниот предлог.