Европската фудбалска федерација (УЕФА) вчера официјално соопшти дека ќе им помогне на националните федерации со сума од 236,5 милиони евра да се справат со предизвиците предизвикани од пандемијата на коронавируот.
Парите се обезбедени од програмата „Хет Трик“, која инаку им служи на националните федерации за покривање на тековните трошоци и за да помогне во развојот на одредени области во домашниот фудбал.
„Нашиот спорт се соочува со невиден предизвик предизвикан од пандемијата на коронавирусот. УЕФА сака да им помогне на своите членки да одговорат на начин соодветен на околностите со кои се соочуваат. Ние се согласивме дека секоја федерација ќе добие по 4,3 милиони евра кои ќе се исплаќаат во текот на оваа и следната сезона. Горд сум на единството што го покажува фудбалот за време на оваа криза. Мора да бидеме подготвени кога сè ќе се врати во нормала“, рече претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.

