Дали Македонските фудбалски клубови може ова лето да останат без настап во Европа, затоа што УЕФА, размислува дури и да ги укине квалификациите за Лигата на шампионите и Лигата на Европа, објави денес весникот „Тајмс“.
Според оваа информација, УЕФА планира да направи скратен систем на натпреварување во европските купови поради сеуште непознатите можности за меѓународни патувања, рестрикциите за влез во земјите и други проблеми со кои би се соочувале клубовите.
Во игра се две опции. Првата е да има квалификации, но во скратен формат и наместо два меча (дома-гости), да има само еден. Во оваа варијанта единствениот меч би се играл на теренот на тимот кој има повеќе бодови во рејтинг-листата во УЕФА, а македонските клубови не се во улога на фаворити, но во оваа варијанта барем би имале шанса за да одиграат некој натпревар.
Втората опција е онаа полошата, а со неа е планирано воопшто да нема квалификации, туку само плејоф во кој би играле екипите од 12-те најдобро рангирани земји кои немаат директен учесник во групните фази. Македонија не е во таа група, па нашиот шампион, би извисил. Доколку се остане по старо нашата земја би имала еден преставник во квалификациите за ЛШ и два тима во квалификациите за ЛЕ. Останува сепак УЕФА да го каже последниот збор околу целиот систем за натпревари во наредната сезона.