Германската фудбалска лига работи со Министерството за здравство за да им овозможи на навивачите да се вратат на стадионите од почетокот на следната сезона, изјави првиот човек на Лигата, Кристијан Зајферт.
Зајферт изјави дека „воспоставувањето нормално дејствување ќе биде следниот голем предизвик“, откако сезоната 2019/20 заврши со строг здравствен протокол и нема навивачи на стадионите заради кризата со коронавирусот.
Масовните собири остануваат забранети во Германија до 31 октомври. Зајферт рече дека се прават напори да се вратат навивачите кога ќе започне следната сезона во средината на септември.
„Ние работиме во тие насоки. Постојат први идеи што ги разменуваме со Министерството за здравство“, додаде првиот човек на Лигата.
Тој додаде дека „Не е важно дали ќе донесете 200 луѓе во театарот или 5.000 на стадионот во Дортмунд. Секогаш ќе мора да донесувате индивидуални одлуки засновани врз инфраструктурата и евентуално епидемиолошката состојба во областа“, додаде Зајферт.