Поранешниот капитен и селектор на фудбалската репрезентација на Хрватска, Нико Ковач е нов тренер на Монако. Како што потврдија од клубот, тој потпиша тригодишен договор со опција за продолжување на соработката.
Ковач е без работа од ноември минатата година, кога беше заменет на клупата на Баерн Минхен од неговиот поранешен помошник Ханси Флик. Монако ќе биде третиот клуб што ќе го предводи 48-годишниот хрватски стручњак како главен тренер. Тој помина нешто повеќе од две сезони на клупата на Ајнтрахт Франкфурт со кого го освои германскиот куп и заработи ангажман во Баерн. Кај баварците дојде во сезоната 2018/2019 и ја освои двојната круна.
