Тренерот на Лидс Јунајтед, Марсело Биелса е прогласен за најдобар тренер во Чемпионшип лигата за сезоната 2019/2020. Аргентинскиот тренер стана најдобар според Здружението на тренери (ЛМА), а беше објавено на Твитер профилот на организацијата.
Под водство на 65-годишниот Биелса, Лидс Јунајтед го зазема првото место во оваа лига и се врати во Премиер лигата по 16-годишна пауза.
Во средината на 1990-тите – раните 2000-ти, Лидс играше редовно во европските натпреварувања, стигна до полуфиналето на Купот на УЕФА и Лигата на шампиони. Финансиските проблеми доведоа до испаѓање на тимот од Премиер лигата во сезоната 2003/2004. Во сезоната 2006/2007 година, Лидс Јунајтед беше префрлен во Првата лига. Тимот успеа да се врати во Чемпионшип по три сезони.
Биелса досега бил тренер на познати клубови како Еспањол, Атлетик, Марсеј, Лацио и Лил, како и националните селекции на Аргентина и Чиле.

