Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) му ја додели официјално победата на Линфилд од Северна Ирска кој со службен резултат ја добива средбата со косовскиот клуб Дрита (Гњилање) во последниот натпревар од прелиминарната рунда од Лигата на шампионите за сезоната 2020/2021.
Причината е позитивен тест за коронавирус на еден од фудбалерите на нивниот конкурент непосредно пред почетокот на натпреварот.
Еден од играчите на Дрита имал позитивниот тест на 7 август и беше испратен на карантинска изолација заедно со останатите играчи со кои беше во контакт. Ден пред натпреварот беше спроведен нов тест, а уште еден играч на косовскиот тим беше позитивен за Ковид-19. Според правилата на УЕФА, заедно со швајцарските здравствени власти, беше решено да го испратат целиот тим Дрита во изолација.
Апелационата комисија на УЕФА веднаш се собра и донесе одлука да ја додели победата со службени 3:0 на ирскиот тим. Инаку, според програмата, натпреварот требаше да се одигра на 11 август во Нион. Бидејќи нема време да се чека да истече карантинот, Линфилд официјално ќе оди во следното коло и ќе игра како гостин кај Легија (Варшава).