Предводникот на ПСЖ, Томас Тухел не штедеше зборови за да ги пофали неговите фудбалери по чистата победа над РБ Лајпциг со 3:0 во првото полуфинале од Лигата на шампионите.
Францускиот тим целосно доминираше во мечот и заслужено дојде до дуелот за највредната клупска награда. По натпреварот, Тухел истакна дека е многу задоволен од настапот во дефанзива.
„Не се смирив ниту една секунда, но најважно беше начинот на кој се браневме. Покажавме одлична комбинација на решителност, дух и техника“, рече германскиот стручњак.
„Останавме верни на нашиот стил. Се обидовме да не дозволиме на противникот да игра во контранапад. Покрај тоа, ја искористивме брзината на Анхел Ди Марија, Килијан Мбапе и Нејмар. Не направивме големи тактички промени. Да, се подготвуваме индивидуално за секој противник, но најмногу од сите ние се држиме до нашиот начин на игра. Играчите покажаа голема желба да победат и си помагавме едни на други цело време“, резимираше Тухел.
„Фудбалот е за навивачите. Ние минуваме низ сè заедно. Ние навистина чувствуваме дека тие се со нас и веруваат во нас. Се надевам дека навивачите чувствуваат дека сме еден сплотен тим”, рече тренерот на ПСЖ.