Тиаго Алкантара официјално е играч на Ливерпул. Англискиот шампион ја објави веста со видео од играчот во соблекувалната на „Енфилд“.
Договорот на 29-годишниот Шпанец е на четири сезони, а според англиските медиуми, Ливерпул ќе плати 20 милиони фунти за него плус 5 милиони во форма на бонуси. Сумата ќе се плаќа на четири рати во период од четири години. Самиот играч ќе стане трет според платата на „Енфилд“ по Вирџил ван Дајк и Мохамед Салах. Ливерпул и Баерн вчера го договорија трансферот, а денес Тиаго пристигна во Ливерпул и го потпиша својот договор. Тој ќе игра со дресот со број 6. Алкантара е второто ново засилување на Јирген Клоп ова лето по Костас Цимикас.
„Мислам дека чувството е неверојатно. Долго време го чекав овој момент и многу сум среќен што сум тука. Како одминуваат годините, се обидувате да освојувате се повеќе и повеќе. Мислам дека овој клуб ми нуди многу – сакам да го остварам цели и освоиме сите можни трофеи“, изјави Тиаго Алкантара за веб-страницата на Ливерпул.
„Одлично! Многу сум среќен што конечно успеа. Знам дека луѓето во Баерн очајно сакаа да го задржат, и тоа е разбирливо затоа што играше важна улога, вклучително и минатата сезона. Но, тој беше подготвен за нов предизвик. и нè избра нас“, додаде менаџерот на „црвените“ Јирген Клоп.

