Екипата на Манчестер Сити во четврток ќе започне да го брани својот трофеј во Лига купот со тим составен од играчи кои се дел од фудбалската академија на овој клуб и тоа на меч против Бурнмаут.
Менаџерот Пеп Гвардиола објасни дека во сегашната ситуација нема доволно играчи од првиот тим кои можат да учествуваат во две натпреварувања истовремено. Натпреварот со Бурнмаут на „Етихад“ доаѓа само три дена по успешниот почеток на сезоната за Сити во Премиер лигата. Вицешампионот синоќа триумфираше со 3:1 на теренот на Вулверхемптон и постави рекорд со тоа што победи на стартот на сезоната веќе десетта година по ред.
„Против Бурнмаут ќе играат главно играчи од Академијата, затоа што мора да ја задржиме силата за натпреварите во Премиер лигата. Немавме доволно време да се подготвиме, а седум играчи не се достапни од различни причини. Го освоивме Лига купот во претходните три сезони и сакаме да го продолжиме нашето успешно учество во ова натпреварување, но во моментот го немаме потребниот број играчи кои можат да играат за три дена“, објасни Гвардиола.
Илкај Гундоган е недостапен поради инфекција со КОВИД-19, а Серхио Агуеро, Емерик Лапорт, Бернардо Силва, Жоа Кансело, Александар Зинченко и Ерик Гарсија исто така се повредени.