Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо изјави дека играчот за врска Деле Али се враќа во составот на тимот за гостување во Македонија против Шкендија од третото квалификациско коло во Лигата на Европа.
Англискиот репрезентативец ги пропушти последните два меча на својата екипа, победите со 2:1 над Локомотив Пловдив во Лигата на Европа и со 5:2 над Саутемптон во Премиер лигата, откако на паузата беше заменет при поразот од Евертон од 0:1 на почетокот од сезоната во Премиер лигата.
Ова доведе до шпекулации дека односите меѓу Мурињо и Деле Али не се добри и тој ќе го напушти клубот додека не се затвори преодниот рок.
„Деле Али ќе патува со нас. Јас секогаш велев дека ќе добие шанса. Ќе дојде и ќе има можност да се настапи. Важно е како го прави тоа. Важно е сите играчи да се претстават на едно ниво”, објасни Мурињо.
Екипата на Тотенхем од денес е во Скопје каде утре гостува на екипата на Шкендија на Националната арена „Тодор Проески“.

