Бразилскиот ветеран Робињо официјално се врати во својот матичен клуб Сантош, а ова ќе биде негов четвртиот престој во овој клуб. 36-годишникот ќе го носи дресот на оваа екипа најмалку до февруари и ќе добива само 1.500 реали (230 евра) месечно, што е нешто над минималната плата во Бразил.
Робињо се приклучува на тимот како слободен агент откако неговиот договор со Истанбул Башакшехир истече на почетокот на оваа година. Во меѓувреме, Сантош се наоѓа во многу тешка финансиска состојба, бидејќи се очекува ФИФА да воведе трансфер ембарго за долговите кон чилеанскиот Хуачипато и колумбискиот Атлетико Национал за привлекување на Џеферсон Сотелдо, односно Фелипе Агилар. Напаѓачот исто така има проблеми, но со италијанскиот суд, откако во 2017 година беше осуден на 9 години затвор за учество во групно силување на жена во Милано во 2013 година.
Во првиот тим на Сантош, тој досега има три периоди – 2002-2005, 2010 и 2014-2015, со 253 натпревари и 111 погодоци. Робињо има играно и за Реал Мадрид, Манчестер Сити, Милан, Гуангжу Евергранде, Атлетико Минеиро, Сиваспор и Истанбул Башакшехир.

