Шесткратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон по трката и победата за ГН на Португалија призна дека сè уште не може да сфати што постигнал со подобрувањето на рекордот по бројот на победи на германската легенда Михаел Шумахер. Возачот на Мерцедес вчера го оствари 92-от успех во кариерата на патеката Портимао, подобрувајќи го рекордот на Шумахер.
„Никогаш не замислував дека ќе бидам таму каде што сум сега. Кога дојдов во Мерцедес, не можев да претпоставам што ме чека, но тука сум сега со цел тим од прекрасни луѓе“, рече Хамилтон.
„Ќе ми треба некое време за да сфатам што се случи денес. Во моментов не можам да ги најдам вистинските зборови “, додаде 35-годишниот Британец.
Хамилтон продолжува да води во генералниот пласман кај возачите со 256 поени. Втор е неговиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас со 179, а на третото место е Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул со 162. Следната трка од Формула 1 шампионатот ќе се одржи во Италија на патеката „Имола“ од 31 октомври до 1 ноември.

