Капитенот на Наполи, Лоренцо Инсиње има повреда на бутот по мечот со Реал Сосиедад во Лигата на Европа. Тој почувствува болка во првото полувреме и беше принудно заменет.
„Лоренцо рече дека успеал да застане навреме и овој пат болката не била толку силна како во претходната повреда. Да се надеваме дека овој пат проблемот не е толку сериозен”, изјави тренерот Џенаро Гатузо.
Инсиње веќе имаше сличен проблем на почетокот на сезоната. Тој се повреди на мечот со Џенова, мораше да мирува 20 дена и ги пропушти следните 3 натпревари за својата екипа. Сега, сепак, прегледите покажаа дека проблемот не е толку сериозен и постои можност тој да биде дури и подготвен за мечот со Сасуоло за време на викендот.
„Лоренцо Инсиње беше подложен на дијагностички тестови кои покажаа мала мускулна контракција на левиот бут. Неговата состојба ќе се следи секој ден”, објавија од Наполи.

