Наполи ќе поднесе жалба до повисокиот суд за одлуката за службен пораз од 3:0 на неодиграниот меч со Јувентус. Вчера, Комисијата за жалби на Италијанската фудбалска федерација ја отфрли жалбата на Наполи и ја потврди претходно донесената одлука, мечот службено да го добие италијанскиот шампион.
Дербито требаше да се игра во Торино на 4 октомври, но Наполи не се појави бидејќи наполитанските здравствени власти му забранија на тимот да патува во Торино поради двајца заразени со коронавирус. Сепак, Италијанската фудбалска федерација донесе одлука дека Наполи го прекршил медицинскиот протокол во Серија А.
„Наполи не се согласува со одлуката, бидејќи комисијата ги игнорира обезбедените документи, кои покажуваат дека локалните здравствени власти забрануваат патување на тимот во Торино. Наполи отсекогаш бил за фер-плеј и ние ќе ги користиме сите законски средства за да обезбедиме правда. Теренот мора да биде местото каде што се решава резултатот на еден фудбалски натпревар“, се вели во клупското соопштение.

