Пред најважниот натпревар во својата кариера, но и историјата на македонскиот фудбал, Горан Пандев во интервју за ФФМ вели дека остана само уште еден чекор до остварување на неговиот сон.
Капитенот најпрвин се огласи на „Инстаграм потенцирајќи: „113 натпревари, повеќе од 19 години носење на овој свет дрес, многу порази, победи, радости и понижувања. Многу убави и лоши работи поминав со тебе Македонијо….. Остана уште еден чекор до остварување на мојот сон, до остварување на сонот на моите колеги, на моето семејство, на цела нација. Во овие тешки времиња, да се обединиме сите заедно и да се обидеме сонот да ни стане реалност. Еден за сите – сите за еден…Да живее Македонија“, напиша Пандев.
Во кусото интервју за ФФМ, Пандев потенцира колку е важен мечот утре во Тбилиси.
„20 години сум во репрезентацијата, ова е најважниот натпревар во мојата кариера, најважниот натпревар за цела Македонија. Се надевам дека и ние конечно ќе се израдуваме, дека ќе се оствари мојот сон. Со нетрпение го очекувам натпреварот“.
