Еден од оние кои играа финале на големо натпреварување или натпревар со голем влог е Горан Пандев. Капитенот на нашата репрезентација успеа да ја освои ЛШ со Интер, а утре треба да игра финале за остварување на својот сон, настап на ЕП.
„Долго време сме заедно, живееме за овој натпревар и верувам дека ќе се радуваме. Не сум најзаслужен, сите се заслужни што стигнавме тука. Жал ми е што тука не се Барди, Ристевски и Велкоски, но ќе играме и за нив. Утрешниот натпревар се споредува со натпреварите на „Камп Ноу“ и „Сантијаго Бернабеу“. Но, мора да признаам дека по победата над Косово не спијам како претходно. Знам што ќе донесе победата утревечер. Мора да бидеме тактички мудри и стрпливи. Емоциите и кај мене се присутни, но секојдневно зборувам со помладите, посебно по натпреварот против Косово. Мораме да останеме мирни и концентрирани. Имаме и ние три-четири „маскоти“ задолжени за атмосферата во репрезентацијата. Тие секојдневно ја мотивираат екипата“, рече капитенот Горан Пандев на прес-конференцијата и додаде дека заедно со соиграчите подготвиле големо изненадување за сите во Македонија доколку успеат да ја победат Грузија во Тбилиси.

